Пратениците ќе расправаат за интерпелациите против Меџити, Стоилковиќ, Тошковски, Исени и Даути
Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот, односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.
Собранието денеска треба да ја започне 29. седница на која на дневен ред се пет интерпелации. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.
Најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини министри, додека за интерпелацијата на Даути изјавија дека ќе биде изграден став пред седницата денеска. Сепак, велат дека и доколку помине интерпелацијата за неа, Европскиот фронт може повторно да ја предложи и Даути повторно да биде претседателка на Комисијата.
Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот, односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден или во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, додаде тој, на крајот на денот мора да се гласа.
Според него, интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски кажа дека за време на денешната дебата за интерпелациите очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.