МЖСПП: Сите институции да ги извршуваат своите обврски за да се намали аерозагадувањето
Од МЖСПП ги потсетуваат институциите на превентивните мерки кои ги усвои Владата за редукција на емисиите од детектираните сектори што имаат најголем продонес во зголемувањето на емисиите на цврсти честитки а со тоа и високите концентрации, што ги надминуваат пропишаните стандарди.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ги повикува сите надлежни институции, општините и Градот Скопје и општините од Градот поинтензивно да ги извршуваат своите обврски согласно „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025“ во услови на зголемени концентрации на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и 2,5 микрометри на метар кубен и неповолни временски услови што дополнително придонесуваат за зголемување на загадувањето на амбиенталниот воздух.
Од МЖСПП ги потсетуваат институциите на превентивните мерки кои ги усвои Владата за редукција на емисиите од детектираните сектори што имаат најголем продонес во зголемувањето на емисиите на цврсти честитки а со тоа и високите концентрации, што ги надминуваат пропишаните стандарди.
– Општинските инспекциски служби да ги засилат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на Б-Интегрирани еколошки дозволи и елаборати и позасилена контрола, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи особено во мали сервиси и погони.
– Општините и Градот Скопје со општините дека согласно член 27 од Законот за амбиентален воздух и согласано „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025“ имаат обврска да подготват и усвојат краткорочни акциски планови што ќе соодветствуаат на спецификите на секоја општина/град одделно и според кои ќе постапуваат во услови на надминат праг на алармирање.
– Јавните претпријатија за комунална хигиена на Општините и Градот Скопје за редовно чистење на атмосферските и миење на улици и тротоари
– Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспектори за урбанизам и градежништво да спроведат засилени вонредни контроли на градилиштата
– Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија и труд и Станиците за технички преглед да ги засилат вонредните контроли на станиците за технички преглед на возила, со цел да се утврди дали се спроведува мерење на емисија на издувни гасови, а Министерство за внатрешни работи, односно Сообраќајната полиција да спроведе вонредни контроли на техничка исправност на возилата, особено за оние со дизел горива, и нерегистрирани возила и отстранување на возила од сообраќајот кои се нерегистрирани или чии емисии на издувни гасови не задоволуваат пропишаните стандарди
– Граѓаните што ги затоплуваат домите со огревно дрво правилно да го користат, да не употребуваат пластика, гума, обработено дрво и отпадни материјали во интерес на сопственото здравје и здравјето на другите.
Министерството за животна средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, спроведува засилени и вонредни контроли врз индустриските капацитети со А интегрирани еколошки дозволи.
„Континуирано се следи и квалитетот на воздухот, а јавноста редовно се информира за состојбата и препорачаните мерки за заштита. Според Извештаите од Државниот инспекторат за животна средина, на територија на град Скопје се поминати со вонредни надзори сите субјекти, продолжуваме со ненајавени контроли кај субјекти кои се задолжени со елаборати за животна средина.
На цементарница УСЈЕ се направени два вонредни ненајавени надзори: еден по 19 часот и еден во работно време. Направена е и контрола на отпад кој влегува во цеметара УСЈЕ. Досега нема отстапувања во параметрите кои се зададени во А дозволата.
Во Струмица согласно добиените известувања за надминување на прагот за алармирање, вонредни надзори на три субјекти се направени на 02.01.2025 година, еден субјект е задолжен со решение и на уште два субјекта се прават денес 08.01.2025 година.
Се известува јавноста дека поголем дел од големите капацитети кои имаат А интегрирана еколошка дозвола на територија на град Скопје, а за кои е надлежен Државниот инспекторат за животна средина не работат или работат со редуциран капацитет. Во моментот комплетно не работат: Макстил АД, Бауер БГ, Гама Градба – Асфалтна база Студеничани, ЈП Улици и Патишта, Радком, Филип инженеринг Асфалтна база, Агреад Дооел Петровец, Асфалтна База Вато Доо Студеничани Скопје. Во Цементарница УСЈЕ АД Скопје работи само една печка (печка 3), а за 20 дена нема да работат и двете заради ремонтни активности“ соопшти МЖСПП.