Зеленски за Велигден: Веруваме во нова победа на Украина – ордите на злото нема да не уништат!

Претседателот на Украина – Володимир Зеленски денеска, по повод Велигден, изјави дека ниедно „зло“ нема да ја уништи Украина и се помоли Бог да им ја врати среќата на децата и да им донесе утеха на ужалените мајки.

Тој во видео пораката снимена во една од најпознатите знаменитости на Украина, црквата „Света Софија“ во Киев рече дека Украина ќе го надмине мракот што и го донесе војната.

„Денеска се уште веруваме во нова победа на Украина и убедени сме дека ордите на злото нема да не уништат. Издржуваме во црни времиња. И на овој светол ден, повеќето од нас не се во светла облека. Но, ние се бориме за светла идеја. Ние сме на светлата страна. А вистината, луѓето, Господ и светата небесна светлина се на наша страна“ – порача украинскиот претседател.

„Минатата година Велигден го прославивме во домовите поради пандемијата. И оваа година го славиме Христовото Воскресение не како порано. Поради друг вирус. Поради чумата наречена војна. И минатогодишната и сегашната закана ги обединува едно – ништо не може да ја победи Украина“ – истакна Зеленски.

Во Украина денеска се одржуваат скромни Велигденски прослави, точно два месеци по почетокот на руската инвазија.

Украинските власти вчера ги повикаа верниците да ги следат мисите преку интернет и да го почитуваат ноќниот полициски час.