Владата нема да ги зголеми давачките и покрај препораките на Светска банка

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата нема намера да ги зголемува давачките откако Светска банка предложи зголемување на ДДВ-то од 18 на 19 проценти.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата нема намера да ги зголемува давачките откако Светска банка предложи зголемување на ДДВ-то од 18 на 19 проценти.

– Најлесен начин да се решат проблемите е да ги сведеме на дополнителни давачки за граѓаните. Оваа Влада нема намера тоа да го прави. Ќе се бориме на начин на којшто ќе обезбедиме да останат истите услови на пазарот за истите давачки, дури ако може и да ги намалиме тие давачки за граѓаните. А притоа, сите оние што се дел од сивата економија, преку мерките што ќе ги преземаме, ги предупредивме дека треба да бидат пренасочени во формалниот пазар, односно да ја намалиме сивата економија и сите што работат надвор од формалната економија, да влезат во белата зона, да може да ги зголемиме буџетските приходи, подвлече премиерот.

Еден од начините, според Мицкоски, е проектот е – фактура што е почнат. – Ако се направи анализа на овој проект во државите кога почнал да се спроведува, буџетските средства дополнително се зголемиле за одреден двоцифрен процент. Немаме намера да ги зголемуваме давачките, нагласи Мицкоски.

Според Мицкоски, јавниот долг можно е да биде помал од проектираниот.

– Можеби под 61 отсто ќе биде. За да имате ваков начин на функционирање на економијата, треба да имате силен раст на номиналниот Бруто домашен производ. Ние не го правиме тоа исклучиво само преку стимулирање на јавната потрошувачка. Да, тоа има нето ефект исто така. Ние тоа го правиме и преку инвестициите, реализирањето на капитални инвестиции во приватниот сектор, странските инвестиции, но и реализацијата на капитални инвестиции од државата. Тоа е начинот на којшто ќе се бориме. Немаме друг начин. Нормално, паралелно со ова, и намалување на сивата економија, реализација на проектот е – фактура, враќање на правдата, сигурноста, појасни Мицкоски.