Се бара притвор за Груби: Детали од истражната постапка за проневера во „Државна лотарија“
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Постапувајќи по поднесени кривични пријави од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција, беа преземени повеќе дејствија и oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на “Државна лотарија” на 09.05.2023 година електронски до Владата на РСМ во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање. Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42% од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на “Државна лотарија”, а не од Собранието на акционери.
Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД “Државна лотарија” согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – “Касинос Аустрија” ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што “Државната лотарија” се стекнала со удел од 51% во основната главнина на друштвото формирано со “Касинос Аустрија“.
Второосомничениот, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека “Државната лотарија” нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 06.06.2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
На седницата била усвоена информацијата и “Државната лотарија” била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, со цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови. По спроведените постапки изготвиле извештаи со кои констатирале дека четири понудувачи ги исполнуваат условите за склучување на Договори за заедничко вложување, иако наведените понудувачи не ги исполнувале законските услови односно не биле приредувачи на игри на среќа.
За четворицата осомничени од комисијата во “Државната лотарија”, надлежниот јавен обвинител до Судот ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост.