Пендаровски: Постојат историски факти дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер

„Има потврдени историски факти дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер, а тврдењето дека на територијата на Македонија имало логори во кои наводно се убиени 10.000 луѓе е лага и гола конструкција за политички цели“. Ова е одговорот на Претседателот – Стево Пендаровски, во врска со изјавата на бугарскиот претседател – Румен Радев дека конроверзниот историски лик со чие име во Битола беше отворен клуб не е фашист, како и дека за време на Втората светска војна во Македонија всушност постоел фашизам бидејќи имало логори во кои биле убивани Бугари.

„Постојат потврдени историски факти и избори кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер. Во 1944 година по негова директна инструкција доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава. Откако не добива поддршка од локалното население рапортира назад до неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист или нацист. Во однос на квалификациите дали нацистите морале да убиваат луѓе за да бидат нацисти, не морале. Ако си следбеник на таа идеологија ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, за убиец итн. Не велиме дека бил тоа, но неспорно бил следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“ – рече Пендаровски на денешната прес конференција со претседателот на Летонија – Егилс Левиц.

Во врска со тврдењата на Радев дека во земјава имало логори, Пендаровски рече:

„Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 000 луѓе биле убиени во логори во Македонија во тоа време. Ниту еден извор, ни во бугарската, ни во македонската ни во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концлогари во времето на поранешна Југославија постои само на Голи оток, денешна Хрватска. На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10 000 наводно убиени е лага. Практично гола конструкција за политички цели“.