Иван Додовски е избран за претседател на Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“
Mакедонскиот писател, критичар и научник Иван Додовски е избран за претседател на Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“.
Mакедонскиот писател, критичар и научник Иван Додовски е избран за претседател на Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“.
Оваа меѓународна организација опфаќа повеќе од 300 членови – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата, соопштија денеска од „Еуродрам“, е да ги поттикне преводот и изведувањето на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.
Иван Додовски е редовен професор по критичка теорија, компаративна литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје. Автор е на четири поетски книги, збирка раскази и на повеќе студии од областа на книжевноста и театарот. За својата истражувачка работа ги добил наградите „Хејман“ и „Гертрут Кропер“ од Универзитетот во Нотингем, Англија. За книгата Мало фолио за театар (2018) ја добил наградата „4 Ноември“, а за книгата Долгата транзиција на Македонија (2023), приредена заедно со британскиот историчар Роберт Хадсон, а објавена од лондонскиот издавач „Палгрејв Макмилан“, бил одликуван со државната награда за наука „Гоце Делчев“. Како гостин-предавач држел предавања на универзитетите во Мелбурн, Дарби, Глазгов, Нитра, Јена и Будимпешта.