ЕК: Продолжувањето на пристапниот процес за Северна Македонија зависи од уставните измени
Продолжувањето на пристапниот процес за Северна Македонија зависи од уставните измени за кои земјата се обврза дека ќе ги спроведе, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро.

– Ги повикуваме сите политички сили заедно да го направат овој значаен чекор напред, додаде Писонеро.
Таа потсети дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела беше во посета на земјите од Западниот Балкан, вклучително и Скопје, при што јасно ја нагласила целта земјата да ги започне преговорите по Кластерот „Основни вредности“ што е можно поскоро. Во врска со можното „повторно спојување“ на Северна Македонија и Албанија на европскиот пат, Писонеро потенцира дека проширувањето е индивидуален процес заснован на заслуги и зависи од објективниот напредок на секоја од земјите партнери на ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во заклучоците од Самитот на ЕУ од декември минатата година се нагласува дека „Европската Унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом таа ќе ја спроведе својата заложба за комплетирање на уставните измени во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година“.