„Фокус“: ЕСМ повторно набави скапа струја за две недели, наместо поевтина за цела грејна сезона, како што најави Божиновска

И покрај изјавата на министерката за енергетика и минерални суровини, Сања Божиновска дека државата ќе набавува електрична енергија на подолг рок, затоа што според неа, купувањето струја недела однапред, било многу скапо, ЕСМ повторно ќе набавува струја на краток ток по повисока цена, објавува „Фокус“.

И покрај изјавата на министерката за енергетика и минерални суровини, Сања Божиновска дека државата ќе набавува електрична енергија на подолг рок, затоа што според неа, купувањето струја недела однапред, било многу скапо, ЕСМ повторно ќе набавува струја на краток рок по повисока цена, објавува „Фокус“.

„Капацитетите на РЕК Битола не се во најдобра кондиција и не можеме да сметаме на сите три блока, тоа го наследивме и свесни сме дека е од 1984 година. Затоа ќе направиме струја за четвртиот квартал и евентуално за првите три месеци од 2025 година. Цените сега на берза се околу 100 евра за мегават час што значи дека иако има војна, нема некои енормни поместувања на цените на електрична енергија досега“, рече Божиновска на прес-конференција на тема 100 дена Влада.

ЕСМ склучи договор за набавка на струја вреден речиси шест милиони евра, кој ќе обезбеди над 44.0000 мегават-часови електрична енергија за потребите во наредните две недели.

За 28.800 мегават-часови државната компанија ќе плати цена од 124 евра за мегават-час, додека за 15.300 мегават-часови цената ќе биде 142,92 евра за мегават-час, а струјата ќе ја набави компанијата ГЕНИ Продажба на Енергија ДООЕЛ.

Според ЕСМ набавката е со цел да се обезбедат потребните количества за ЕВН Хоум, да се покријат загубите во електродистрибуцијата и МЕПСО, како и да се зачува хидропотенцијалот, кој е на загрижувачки ниско ниво од 19 проценти, далеку под просекот за овој период, пишува „Фокус“.

„АД ЕСМ согласно објавен јавен оглас ќе изврши набавка на електрична енергија за периодот од 1 до 15 ноември со цел обезбедување на вкупните потреби од електрична енергија за Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, обезбедување на загубите во електродистрибуција и системските услуги за АД МЕПСО, како и оптимизација на производството и акумулациите, информираат од компанијата

Вкупната набавка на електрична енергија, како што нагласуваат, е 44,1 гигават час, односно 28,8 гигават часови базна енергија, 15,3 гигават часови пикова електрична енергија, во период на најголема дневна потрошувачка на електрична енергија.

-Вкупните дневни количини кои треба да ги обезбеди АД ЕСМ изнесуваат 12.050 мегават часови. Потребите од набавка на електрична енергија се адаптирани врз основа на временската прогноза за наредниот период и естимираната потрошувачка во ноември. Набавката на електрична енергија е потребна за зачувување на хидропотенцијалите кои се на ниво на 19 проценти од вкупната акумулирана енергија, што е далеку под просекот за овој период од годината, велат од АД ЕСМ.

Нагласуваат дека внимателно ја следат состојбата и дека ќе ги прилагодуваат потребите од набавка врз основа на сопствениот расположлив производствен капацитет.

-Со оглед на слабиот хидропотенцијал, компанијата ќе продолжи со производство на електрична енергија искористувајќи ги пред сè, своите расположливи капацитети ТЕ Битола 2, ТЕ Битола 3 и ТЕ Осломеј, како основа за производство на базна енергија. Согласно воспоставената динамика и потребите на системот, компанијата ќе продолжи да купува електрична енергија на секои две недели до крајот на годината во согласност со потребите на универзалниот снабдувач и зголемениот конзум во претстојниот период, потенцираат од АД ЕСМ.

Најавуваат дека се планира во втората половина од ноември да се вклучи и ТЕ Осломеј за чии потреби во тек е отворен јавен повик за набавка на 400.000 тони висококвалитетен јаглен за период од шест месеци.

-Станува збор за количини кои АД ЕСМ нема да има обврска да ги набави. Набавката ќе се врши само ако се добијат поволни цени и доколку јагленот е во согласност со параметрите за калоричност, соодветни за термоелектраната Осломеј. Повикот е транспарентно објавен на веб страницата на АД ЕСМ и во два дневни весници, прецизираат од АД ЕСМ.