Израел изведе воздушни напади врз Иран
Рано утрово, израелската армија изврши три серии „прецизни напади врз воени цели во Иран“, додека серија експлозии се слушнаа над Техеран. „Нападите се одговор на континуираните напади на режимот во Иран врз државата Израел“, соопшти израелската армија.
Рано утрово, израелската армија изврши три серии „прецизни напади врз воени цели во Иран“, додека серија експлозии се слушнаа над Техеран.
„Нападите се одговор на континуираните напади на режимот во Иран врз државата Израел“, соопшти израелската армија.
„Режимот во Иран и неговите приврзаници во регионот безмилосно го напаѓаат Израел од 7 октомври на седум фронта вклучително и директни напади од иранската почва. Како и секоја друга суверена држава во светот, државата Израел има право и должност да одговори. Нашите одбранбени и офанзивни способности се целосно мобилизирани. Ќе направиме се што е потребно за да ја одбраниме државата Израел и израелскиот народ“, се додава во соопштението, јавува РСЕ.
Американските и израелските власти соопштија дека првиот бран ги таргетирал иранските системи за противвоздушна одбрана, додека вториот и третиот цел биле базите за ракетни и беспилотни летала, како и фабриките за оружје.
Белата куќа соопшти дека Израел има право на самоодбрана. Вашингтон го повика Иран да не возвраќа на последните израелски напади врз него.
„Ако Иран одлучи повторно да одговори, ние ќе бидеме подготвени и повторно ќе има последици за Иран“, се наведува во изјавата на високи претставници на администрацијата.
Се додава дека САД не сакаат тоа да се случи.
„Ова треба да биде крај на оваа директна размена на оган меѓу Израел и Иран“, се вели во соопштението.