Весиќ: До февруари ја завршуваме пругата од Ниш до Брестовац како дел од пругата кон Македонија
Министерот за транспорт, градежништво и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека реконструкцијата на пругата Ниш - Брестовац, која започна пред повеќе од три години, ќе заврши во февруари 2025 година.
Министерот за транспорт, градежништво и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека реконструкцијата на пругата Ниш – Брестовац, која започна пред повеќе од три години, ќе заврши во февруари 2025 година, јави дописникот на МИА од Белград.
– До февруари следната година ќе бидат завршени уште 23 километри пруга јужно од Ниш до Брестовац. Имаме уште 135 километри во Србија и 50 километри во Северна Македонија да ги поврземе Скопје, Ниш, Белград, Нови Сад и Будимпешта. Тоа го договоривме со Владата на Северна Македонија. Заеднички ќе бараме финансии за нашите 135 километри и нивните 50 километри, истакна Весиќ во гостувањето на телевизијата Прва.
Изградбата на таа пруга започна свечено, во септември 2021 година, во Долно Меѓурово, во присуство на претседателот на Србија Александар Вучиќ и бројни функционери.
Требаше да се изгради до јуни 2023 година, но тогаш не беше завршена. Изведувач на работите е конзорциум на бугарските компании Trace Group Holding PLC и Balkantel, вредноста на договорот е околу 60 милиони евра и станува збор за работи на модернизирање на пругата на меѓународниот Коридор 10 преку Србија, меѓу Ниш и Брестовац.
Кога станува збор за брзата пруга Белград – Ниш, Весиќ кажа дека таму ќе возат возови со брзина од 200 километри на час и дека работите ќе почнат следната година.
Весиќ рече и дека Европската комисија донела директива според која земјите кои не се членки на Европската унија, а низ кои минува коридорот можат да добиваат пари за железницата.