Честитки од државниот врв по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

„Значајните историски датуми се потсетник дека треба да дејствуваме заедно во градење современа и просперитетна држава“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Фото: Гордана Сиљановска Давкова

-Идејата-водилка на основачите на Македонската револуционерна организација, коишто пред 131 година визионерски зачекорија по трнливиот пат кон политичка автономија, еволуираше и се доградуваше низ годините. Резултатот  е самостојна македонска држава исправена пред нови предизвици, истакнува Сиљановска Давкова во честитката.

Прославувајќи го Денот на македонската револуционерна борба, како што вели претседателката, да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви.

-Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш. Затоа, да се грижиме за татковината и да си ја чуваме, оти друга немаме! Да се почитуваме еден со друг, оти без нас сите, нема македонска држава. Да им ја оставиме на потомците, како што нам ни ја оставија, македонските револуционери, посочува претседателката Сиљановска Давкова.

Мицкоски: Да не го губиме времето на поделби, туку да создадеме општество на можности и почит

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски им го честита на граѓаните Денот на македонската револуционерна борба. Преку  Фејсбук Мицкоски порачува да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот и на создавање општество на можности и почит.

Фото: Христијан Мицкоски

-Нека е честит и вековит денот на Македонската револуционерна борба. На овој ден е формирана и Македонската револуционерна организација. Делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое се вгради во изградбата на самостојна држава и своја самосвест. Никулците на македонската национална мисла создадени пред илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност, наведува Мицкоски.

На овој ден, повикува премиерот, да се потсетиме на хероите кои ги дадоа животите за слободна Македонија, но и на заветот кој не обврзува.

-Потребно е да работиме за да донесеме иднина, да ја закрепнеме државата, да овозможиме правда, и економски просперитет. Народот да живее подобро и секој атом да го насочиме кон создавање на посветла иднина каква граѓаните заслужуваат. Да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот, повисок стандард и да создадеме општество на можности и почит. И ова е заедничката битка во остварувањето на целта, напиша  Мицкоски.

Гаши: Значајните историски датуми се потсетник дека треба да дејствуваме заедно во градење современа и просперитетна држава

Претседателот на  Собранието на Република Северна Македонија Африм Гаши упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба.

Фото: Африм Гаши

-Со формирањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година се создадени основите на организираната борба за слобода и за независност. Континуираната борба и непокор низ децениите што следеа резултираше со создавање држава, во која денешните генерации ги живеат плодовите на самостојноста и на демократијата, истакнува Гаши.

Денешната генерација во нашата држава, како што посочува претседателот на Собранието, се соочува со поинакви искушенија и е исправена пред други цели.

– Наша стратешка цел сега е полноправното членството во ЕУ и понатамошното етаблирање во НАТО како рамноправна земја – членка. Предизвик за нашата генерација е постојано да ги унапредуваме демократските процеси, стандардите во здравството, образованието и во науката, владеењето на правото, економските и социјални текови и рамноправноста меѓу граѓаните, без разлика на национална, верска, родова или политичка припадност, вели Гаши.

Претседателот на  Собранието во честитката потенцира дека значајните датуми од историјата на нашите народи се наш потсетник дека треба да дејствуваме сплотено во градење современа и просперитетна држава.