Од опозициската ДУИ денеска известија, за како што велат „екстремното деградирање што се случува во безбедносните и одбранбените институции со ВРЕДИ како губитник во владата“.
„Враќањето на меѓуетничките инциденти и меѓуетничките провокации, зголемувањето на вооружените инциденти, деградирањето и запоставувањето на албанските кадри, нивната замена со кадри на ВМРО-ДПМНЕ, се меѓу многуте случаи кои ја одразуваат работата на безбедносните институции во овие четири месеци – лошо владеење на моноетничката влада. Во овој период во Министерството за внатрешни работи се случи етничко чистење и деградација на албанскиот кадар, како што беше случајот со раководителот за истражување во МВР, помошникот министер за административни работи, помошникот директор во Секторот за униформирана полиција, началникот за меѓународни истраги (Интерпол), началникот во Секторот за внатрешни работи во Струга, началникот во единицата за трговија со оружје, командирот во Полициска станица во Гостивар, командирот во Полициска станица Бит пазар во Скопје, како и значителен број на високи инспектори во секторот за организиран криминал и криминалистичка полиција“ велат од ДУИ.
Од партијата посочуваат „Треба да се спомене и деградирањето на граничните полицајци во случајот со Африм Гаши и случајот со Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи во скопскиот аеродром, од каде без нивна вина како резултат на овој националистички пристап, албанските полицајци трпеа казни, деградирања, разрешувања и најлошото со постапки за кривично гонење, за нешто што тие воопшто не се дел од вината или одговорноста, туку едноставно се жртви на системот што оваа власт без етнички легитимитет се обидува да го изгради за покажување на сила и ширење на страв кај албанските граѓани“.
Во овој период постојано се врши притисок врз вработените да потпишат изјави дека доброволно се откажуваат од работното место, главно тие на раководни позиции, и тоа со цел да не продолжат со управни и судски постапки, е партискиот став.
„Овие лоши потези што ги презеде оваа моноетничка власт, не штеди ниту една институција, дури и оние каде што се бараат стандарди и правила како локални така и меѓународни, да бидат водени од неполитички и стручен кадар. Дека е така, докажува и последното назначување што ја направи Владата, со назначувањето за прв човек на Агенцијата за национална безбедност, кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Христовски, кој во февруари 2023 година беше назначен за претседател на комитетот на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје. Овој избор отвора многу дилеми, каде со право може да се посомневаме дека намерата е безбедносните институции да се претворат во партиски штабови“ потенцираат од ДУИ.