Сали: Извештајот за случајот – Тот е во мојата канцеларија, се чека извештај од судска медицина

„Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за случајот со хрватскиот ракометар Денис Тот е доставен во мојата канцеларија, сега чекаме извештај од судска медицина. По комплетирање на сите документи ќе се формира комисија ако има потреба и ако има сомнеж за некој детаљ, па потоа ќе дадам дефинитивна изјава“. Ова денеска го истакна министерот за здравство – Беким Сали.

Тој рече оти „сликата се уште не е комплетирана“, па поради тоа не може да даде прецизен одговор во однос на тоа дали има некој лекарски пропуст во овој случај.

„Не би сакал во период кога се уште е отворен процесот да дадам некоја изјава. Се уште сликата не е комплетирана, не можам да дадам прецизен одговор, меѓутоа гледам дека секоја институција својата работа си ја обавува во рамки на своите ингеренции. И со директорката Мојсова и со директорката Букова сме разговарале, меѓутоа дозволете да заврши процесот, па да кажеме“ – додаде Сали.