„Ако Петков решил да ја смени бугарската позиција кон С. Македонија, нека каже јавно“

„Во Бугарија постои целосен консензус за прашањето за Северна Македонија, но доколку некој одлучил да ја смени позицијата на државата, тоа нека го каже јавно, а не да го прави тоа зад грбот на граѓаните“.

Ова денеска го изјави заменик-координаторот на Пратеничката група на ГЕРБ – Тома Биков.

Биков тврди дека иако го негира тоа, бугарскиот премиерот Кирил Петков „очигледно преземал обврски кон Северна Македонија“, за што според него доказ е и изјавата на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок дека Бугарија верува оти земјава треба веднаш да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

„Ние немаме ништо против Република Северна Македонија да ги започне преговорите за влез во Европската Унија, но не гледаме дека Република Северна Македонија прави чекор напред. Ништо не е сменето во однос на ситуацијата од пред шест месеци, освен што македонскиот премиер рече дека нема да ја присоедини Пиринска Македонија кон Република Северна Македонија“ – додаде тој.