Спомен бистата на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, е поставена во дворот на училиштето во Капиштец, кое го носи неговото име. Бистата, која на свечена церемонија ја откри градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, е дело на Дарко Дуковски, родител на ученик од ова училиште.
„Оваа биста, за нас центарци е многу повеќе од обичен споменик. Таа е потсетник дека сме на вистинскиот пат. На патот кој го трасираше Киро Глигоров. Убеден сум дека претседателот Глигоров би се гордеел со ова модерно и современо училиште кое го носи неговото име. Нашите деца заслужуваат вакви училишта со највисоки стандарди, рамо до рамо со европските, а сепак наши автентични македонски” истакна во својот говор градоначалникот Герасимовски.
На настанот им беа доделени благодарници на градоначалникот Герасимовски, раководителот на јавни дејности Јагода Јанковска и родителите кои помогнаа во реализација на оваа иницијатива.
„Сега, кога живееме во слободна, самостојна и назависна Македонија, имаме одговорност и обврска да го зачуваме тоа што е со мака стекнато. Да бидеме разумни и мудри, по примерот на Глигоров. Да мислиме на нашите млади, да ја градиме нашата иднина преку вложувања во образованието и напредокот, бидејќи само така ќе имаме држава што е за почит. Цврсто верувам дека овие млади луѓе кои се овде со нас ќе ја остварат визијата на Глигоров за успешна и просперитетна Македонија, затоа да им помогнеме да го продолжат неговото дело“, изјави Геарсимовски.
Киро Глигоров беше лидер кој ги постави основите на современата македонска држава, воден од принципите на демократија, мир и соработка, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче во истоименото основно училиште во Општина Центар каде денеска беше откриена биста на Глигоров.
На свеченоста во Скопје, Филипче истакна дека Глигоров остави силен печат врз историјата со правецот по кој ја движел земјата.
-Тој беше лидер кој ги постави основите на современата македонска држава, воден од принципите на демократија, мир и соработка. Глигоров е симбол за мудрост и визионерство, затоа и не случајно многумина го нарекуваа „Таткото на нацијата“. Во најтешките моменти, кога државата се соочуваше со предизвици во процесот на независност, донесе мудри политички одлуки. Глигоров го постигна она што ниту една Република од поранешна СФРЈ не успеа да го направи, Македонија по мирен пат стана независна, суверена и демократска држава. Благодарение на Глигоров, рече Филипче, Македонија стана дел од најголемото меѓународно семејство на народи- Организацијата на обединети нации.