Ажурирање на дигиталната алатка „Балансер“ со податоците од пописот од 2021 година користејќи го само резидентното население, испорачување на повеќе од 80 нови дигитални алатки за граѓаните и компаниите со што порталот услуги.гов.мк бележи раст од 56 отсто во користењето на постоечките услуги од страна на граѓаните и откочување на физибилити студијата за воспоставување Национална транспортна оптичка мрежа, проект вреден 400.000 евра која ќе биде основа за унпаредување на покриеноста со широкопојасен интеренет, се меѓу постигнувањата на Министерството за дигитална трансформација во првите 100 од својата работа.
Минситерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прес-конференцијата што ја одржа во новите простории што ги имаат добиено од Владата, во зградата на Министерството за односи меѓу заедниците, поранешното Министерство за политички систем и односи со заедниците, ги наброја и потпишаниот грант со ЕУ од 1,3 милиони евра за формирање Национален центар за побезбеден интернет, како клучен чекор за заштита на децата на интернет, како и активностите на сајбер безбедноста.
-Интензивно се работи на развој на Националната стратегија за сајбер безбедност и заштита на критичната инфраструктура која очекуваме да биде донесена до карјот на оваа есен. Формиравме работна група која ќе го изработи првиот Закон за сајбер безбедност, кој ќе биде исто така предложен во Собранието до крајот на есента. Откако ќе биде донесена Стратегијата ќе пристапиме кон процес на формирање на два клучни центри за одговор на сајбер инциденти – еден фокусиран на јавниот и приватниот сектор, а другиот специјално наменет за владината мрежа. Очекуваме овие центри да бидат целосно функционални во текот на 2025 година, рече Андоновски.
За наредниот период како проект од посебно значење тој го издвои аплицирањето на програмата на ЕУ која ќе ни овозможи да развиваме мобилна апликација за административни услуги. Станува збор за проектот наречен Supper App ELI, со вредност од 1,2 милиони евра, кој е дел од иницијативата Дигитална Европа, која има фонд од 7,5 милијарди евра. Ќе се работи во партнерство со украинското Министерство за дигитална трансформација и реномираниот Lisbon Council, кој треба да овозможи пристап до широк спектар на државни услуги директно преку мобилниот телефон.
-Во рамките на овој проект работиме на воведување на дигитална верзија на лични карти и возачки дозволи, познати како ID Wallet, кои претсвауваат револуција во начинот на кој граѓаните се идентификуваат и пристапуваат до услуги, вели Андоновски.