Методија Димовски e нов генерален секретар на Владата

Владата на денешната седница го назначи Методија Димовски за нов генерален секретар.

Димовски кој е член на Инспекцискиот совет од областа на животна средина и заштита на здравје на луѓето досега работел на повеќе работни и раководни места во јавната администрација, во меѓународни организации и како независен консултант.

Изборот на Димовски доаѓа откако Мухамед Зеќири си поднесе оставка по покренато обвинение за него  за злоупотреба на службена положба.

Во најтесна конкуренција за нов генерален секретар на Влада беа неколку лица, меѓу кои Викторија Аврамовска-Мадиќ, поранешна секретарка во Град Скопје и Магдалена Филиповска-Грашковска, претседателка на Инспекцискиот совет.

Димовски пред да влезе во Министерството бил генерален секретар во Агенцијата за државни службеници или сегашна Агенција за администрација, а бил и самостоен консултант. Во 90-тите години од минатиот век тој бил и помошник министер за животна средина.