Универзитетски професори, долгогодишни експерти докажани по својата стручност, секој во својата област во земјава и на меѓународно ниво, се новоименуваните 12 надворешни советници на претседателот на Владата Димитар Ковачевски, информираат од Владата.
„Со одлука на Влада, значително е намален бројот на лица кои го советуваат премиерот Ковачевски. Наместо претходниот тим од над 50, сегашниот тим се состои од само 12 надворешни советници. Меѓу нив се професорите од Економскиот факултет, Правниот факултет, Факултетот за електротехника и информатика, поранешни пратеници, но и заменици-министри“ – соопштија од владината прес-служба.
Функцијата надворешен советник за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во Канцеларијата на претседателот на Владата ја извршува експертот од Германија, Јоханес Хајдекер.
Професор д-р Предраг Трпески, од Економскиот факултет кој е експерт за пазарот на трудот е надворешен советник за економија.
Професорот од Правниот факултет – Ванчо Узунов е назначен за надворешен советник за Берлински процес.
За политиките од областа на енергетиката надворешен советник е Антон Чаушевски, професор од Факултетот за електротехнички и информатички технологии.
Глигор Бишев е надворешен советник за рационализација и оптимизација на процеси.
Нина Фити-Неделковска, претставничка од Светска банка ќе ја врши функцијата надворешен советник за финансии.
На листата на советници се поранешниот пратеник Исмет Рамадани кој е надворешен советник за евроатлански вредности и Драган Василевски за одбрана.
Надворешна советничка за здравство е доцент д-р Ана Данева-Маркова од Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје.
Спасе Додевски е надворешен советник за образование и социјала.
Симона Ристеска е советник за даночна политика.
Маја Ангеловска е надворешна советничка за дигитализација.