Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ говорејќи на тема за преговорите со Европската Унија и проблемот со Бугарија истакна дека преговорите нема да ни ги решат домашните проблеми, туку прво треба да си ја завршиме домашната задача, а Владата е фокусирана токму на тоа, решавање на домашните проблеми и решение за ЕУ кое ќе биде предвидливо.
„Треба да бидеме дел од европското семејство и тука нема дилема. Дали имаме поддршка, не од една, ние имаме поддршка од 26 земји членки и за сите тие не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение. Освен една тоа е нашиот источен сосед кој е сега во предизборен период. Да почекаме кој ќе биде исходот од тоа. За сите останати 26 земји членки е важно да има решение, и во нив има помалку гласни и повеќе гласни поддржувачи.“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека на таа тема многу гласен беше во Загреб хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и на неговата билатерална посета во земјава унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Поентата е ние мораме заеднички да работиме ако сакаме да дојдеме до решение кое што ќе биде предвидливо. Ние сега немаме предвидливо решение. Многумина велат таа преговарачката рамка и е јасна. Да, но нејасен е патот и целта. Тоа е проблемот. Не би се сложил со констатацијата дека мнозинството граѓани мислат дека овој процес на преговори нас ќе ни ги реши сите проблеми како животната средина, повисок стандард, повисоки плати и така натаму.“, посочи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека ние денеска ги имаме европските фондови на располагање, но проблемот е друг, дали ние сакаме да си ја завршиме домашната задача.
„Ако сакаме, ќе ја завршиме и со ова сега што го имаме на располагање. Преговарањето не значи членство, туку подразбира процес во кој ние ќе го зголемуваме капацитетот на институциите и ќе добиеме поинакви вештини во рамки на администрацијата. Од нас самите зависи дали сакаме да си ја завршиме домашната задача. Ние како Влада сакаме и сме фокусирани на тоа.“, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека сето она кое се случуваше изминативе децении создаде еден вид фрустрација кај граѓаните и таа фрустрација денеска е огромна, затоа што оваа преговарачка рамка нема јасна цел и светло на крајот на тунелот.
„Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме тоа, уставните амандмани да важат кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме.“, истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека после се што сме направиле, што никој не го направил, ниту еден народ, ниту една држава која е членка, сме заслужиле да го добиеме ова прашање за одложеното дејство.
Мицкоски го обвини ССМ дека е политички инструиран
Мицкоски вечерва го обвини Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) дека е една од ретките институции кои што се политички инструирани и не почекале ниту десетина дена и почнале со напади кон Владата. Според Мицкоски, претседателот на ССМ „на сомнителен начин“ застанал на чело на функцијата.
-Единствениот негов напад беше да нападне со цел да обезбеди повисоки плати, без притоа да има било каков параметар на располагање и заедно да разговараме и без притоа воопшто да побара средба. Тие што побараа (СОНК) беа кај нас и разговаравме. Процесот тече. Голем дел од синдикатите кои се обратија до соодветниот министер, исто така имаат дијалог кој тече. Дел од барањата се усогласени, кажа премиерот воОтвореното студио на „МРТ1“ на дебата со уредници од неколку телевизиски куќи.
„Владата на Христијан Мицкоски во првите сто дена не го реализира покачувањето на минималната плата на 450 евра иако требаше да биде поставено како приоритет. 25.000 работници кои примаат минимална плата од 22.567 денари, тоа е нечовечки“, изјави пред шест Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, на конференцијата посветена на социјалниот дијалог, организирана од ССМ и Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Трендафилов истакна дека работниците не можат да покријат основни животни трошоци со минималната плата. „За да се покрие една синдикална минимална кошничка, потребни се веќе три минимални плати. Делот за храна и пијалаци веќе достигна 23.000 денари, што значи дека една минимална плата не покрива ниту леб и вода,“ додаде тој.
Мицкоски: Средствата за повисоки пензии се обезбедени, нема да има никакви турбуленции во Пензискиот фонд
Средствата се обезбедени и за оваа со ребалансот, и следната година со Буџетот кој е во фаза на подготовка. Очекувам на владина седница на 16 октомври да биде Буџетот во прва верзија на дневен ред, и очекувам дека после тоа во рамките на Парламентот, преку една дебата ќе се затвори таа рамка, а потоа истиот ќе се врати за конечно да добие конечна форма и да оди на јавна седница и да се усвојува – рече Мицкоски.
Како ќе биде понатамошното нивелирање на пензиите од септември следната година, па 2026, 2027 година се зависи од тоа какви ќе бидат приходите и како ќе функционира македонската економија. Затоа и многу внимателно кажуваме и многу внимателно ветуваме. Не сакаме да кажеме нешто кое што понатаму нема да го исполните. Тоа што бевме уверени дека ќе го исполниме и ќе го испорачаме, тоа и го направивме, вели тој.
Средствата се обезбедени, нема да има никакви дисторзии, ниту пак било какви пореметувања на тој план -дециден е претседателот на Владата, Мицкоски.