Лидерот на СДСМ, Венко Филипче во гостувањето на ТВ21 ги критикуваше политиките на ВМРО-ДПМНЕ во првите 100 дена од владеењето, и ја обвини Владата дека не ги зголемиле платите.
„Сметаме дека овие 100 дена оваа Влада не покажа никаков интерес за граѓаните, компаниите и генерално за државата. Владата не продолжи со политики кои ние ги имплементиравме во измиантите седум години. Особено во покачувањето на платите. Не продолжија со покачување на платите, и продолжија да владеат онаму каде што застанаа во 2016 година. Треба да напомене дека сега нема криза, а ние во изминатите седум години се боревме со три кризи, а платите растеа“, рече Филипче.
„Компаниите се во сериозни кризи, има сериозен застој во исплатата на ДДВ. Нашите информации велат дека 100 милиони евра не се исплатени во последните четири месеци“.
Тој ја коментираше најавата на премиерот Мицкоски дека ќе присуствува лично во институциите за да ја контролира нивната работа.
„Целта на премиерот да кординира институциите, но не може да ги контролира кој колку ќе добие. Едно време најави дека ќе седел на царина и ќе гледа какви лекови се увезуваат, и тоа е причина зошто државата е блокирана. Дали нема доверба во неговите луѓе, и во институциите, тоа допрва ќе видиме“, изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ, истакна и дека ветувањето за зголемување на пензиите не е исполнето од страна на ВМРО-ДПМНЕ, и дека сега со ова покачување се прави дупка во пензинскиот фонд од 10 милиони евра месечно.
„За жал тоа во целост не е исполнето ветување. Ветувањето беше 5000 денари покачување. Дупката која се отвора во пензинскиот фонт е 10 милиони евра месечно, или нешто повеќе од 100 милиони евра годишно. Ако има зголемување во следната година, ќе биде и 200 милиони евра годишно, што е сериозна сума“, рече Филипче.