
По изборниот успех, Студентската листа на средби со американски и руски дипломати
Претставници на Студентската листа во Србија започнаа серија дипломатски средби со високи странски претставници, меѓу кои дипломати од САД и Русија, а во наредниот период се најавени и разговори со претставници на Канада, Италија и Египет.
Претставници на Студентската листа во Србија започнаа серија дипломатски средби со високи странски претставници, меѓу кои дипломати од САД и Русија, а во наредниот период се најавени и разговори со претставници на Канада, Италија и Египет.
Кандидатите на Студентската листа, Милена Писариќ, Дејан Радивојевиќ, Дејан Шошкиќ и Игор Микитишин, заедно со претставници на студентското движење, во четвртокот вечерта се сретнале со вршителот на должноста во Амбасадата на САД во Белград, Александар Титоло, и со американскиот функционер Брендан Ханрахан, кој престојувал во посета на Србија. Ханрахан им го честитал изборниот успех.
Средба одржале и со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко. Според соопштението на руската амбасада, разговорот бил посветен на перспективите за развој на руско-српските односи и зајакнување на врските меѓу двата народа. Била потврдена и поддршката на Русија за ставот на Србија во однос на Косово и Метохија, заснован на почитување на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.
Од Студентското движење соопштиле дека главни теми на разговорите со странските дипломати биле владеењето на правото и енергетиката, како области важни за стабилноста на институциите, економската сигурност и долгорочниот развој на Србија.
„Изборната победа ни донесе одговорност да ги застапуваме интересите на граѓаните и во разговорите со претставниците на меѓународната заедница. Сакаме да градиме односи засновани на меѓусебно почитување, отвореност и рамноправна соработка“, се наведува во соопштението.
Од движењето додаваат дека разговорите со меѓународните партнери не значат откажување од сопствените ставови, ниту препуштање на одлучувањето на други. „Во меѓународните односи сакаме партнерство, а не потчинетост, соработка, а не послушност“, порачале од студентското движење.
Политикологот и научен соработник на Институтот за европски студии во Белград, Рајко Петровиќ, оценува дека секоја власт во Србија, вклучително и евентуалната власт на Студентската листа, треба да работи на зајакнување на односите со најмоќните светски држави, како САД и Русија, но и со средни сили како Канада.
Тој смета дека одржувањето на досегашната повеќевекторска надворешна политика ќе биде предизвик, бидејќи, според него, постојат показатели дека Србија би можела да го насочи тежиштето на односите кон Западот. Сепак, оценува дека на новата власт треба да ѝ се дадат време и простор.
И директорот на Центарот за проучување на глобализацијата, Дејан Милетиќ, ги оценува средбите како позитивен сигнал. Тој смета дека изборот на САД и Русија за први јавни дипломатски контакти не е случаен, имајќи ја предвид нивната меѓународна улога и значењето на енергетските прашања за Србија.
Милетиќ предупредува дека одржувањето на политиката на соработка со повеќе светски сили ќе биде тешко поради можните притисоци, но изразува надеж дека претставниците на Студентската листа ќе ги зачуваат постојните дипломатски врски и ќе изградат нови.