Израелската војска информираше дека започнала ограничени, локализирани и насочени копнени напади врз цели и инфраструктура на Хезболах во Јужен Либан, се вели во соопштението од ИДФ објавено на нивниот профил на Икс.
Во соопштението се додава дека нападот е во согласност со одлуката на политичкиот врв и оти се одвива врз основа на прецизни разузнавачки информации.
„Овие цели се наоѓаат во селата блиску до границата и претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северен Израел“, се додава во соопштението.
Израелската војска соопшти и дека нејзините воздушни сили ги поддржуваат копнените сили со прецизни напади врз воени цели.
In accordance with the decision of the political echelon, a few hours ago, the IDF began limited, localized, and targeted ground raids based on precise intelligence against Hezbollah terrorist targets and infrastructure in southern Lebanon. These targets are located in villages…
— Israel Defense Forces (@IDF) September 30, 2024
„Гардијан“ пренесувајќи фотографии од последните неколку часа пишува дека Израел утринава извршил напади и врз либанската престолнина, јужниот дел на земјата и наводно во Дамаск.
Според израелските медиуми, известувања за воздушен напад имало во дел од северен Израел, а „Тајмс од Израел“ објави дека се огласиле предупредувања за ракети во северниот град Метула, во близина на границата со Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера на состанок на владата изјавил дека и покрај неодамнешните воени успеси, Израел сè уште се соочува со значителни предизвици.
Нетанјаху ги поздравил војниците на ИДФ и оценил дека тие се неверојатни во нападите врз непријателите на Израел и во подигањето на моралот на народот. Тој исто така изразил сочувство до ужалените семејства и на „драгите семејства на заложниците“.
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека во денешен израелски напад е убиен нивниот водач во Либан, Фатех Шериф Абу ел-Амин. Тој бил убиен заедно со неговите сопруга, син и ќерка, во нападот што бил насочен кон нивната куќа во палестинскиот бегалски камп во јужниот град Тир, пренесува Ројтерс.
Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), милитантна група која учествува во борбата против Израел, пак, соопшти дека тројца негови водачи биле убиени во напад што го таргетирал округот Кола во Бејрут, место во градот каде што се собираат такси-возила и автобуси.
Во израелскиот напад загинаа членот на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел, Мохамед Абед Ал-Ал, членот на воениот оддел и воената команда во Либан, Имад Одех, и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.
Во засилените израелски бомбардирања во текот на две недели загинаа низа највисоки функционери на Хезболах, вклучувајќи го и нивниот лидер Хасан Насралах.