„Единствената европска преговарачка рамка за Република Северна Македонија нема да пукне, без разлика колку Виктор Орбан ги нуди своите услуги“, дециден е бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ЕПП по повод одвојувањето на Македонија од Албанија на патот на интеграција во ЕУ.
Тој потсети дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски побегнал во Унгарија, а голем дел од македонските „медиуми на ВМРО-ДПМНЕ се во рацете на Унгарците и не се, во најмала рака, многу пријателски расположени кон Бугарија, и недостига духот на добрососедство“.
По повод предлогот на Виктор Орган неговата земја да биде посредник меѓу Бугарија и Македонија, Ковачев додаде дека нема потреба за тоа.
Според него, главната теза на властите во Северна Македонија е дека „патот на РСМ кон Европа е блокиран од Софија, Бугарите се лошите момци и тие се виновни за сè“.
„Тоа се обидуваат да го протуркаат како главна теза и во македонските медиуми. Политиката на Христијан Мицкоски и неговата влада и тоа што не ја почитуваат преговарачката рамка – самите се виновни за ова, но не сакаат да признаат“, изјави европратеникот за БНР.
Неправедно беше Албанија да чека поради тоа, бидејќи Република Северна Македонија не ги исполнува критериумите за почеток на преговори за членство во ЕУ, нагласи европратеникот.
„Прашањето е зошто Северна Македонија не ги исполнува овие критериуми. Зборуваме за основни човекови права, за Бугарите во РСМ да се чувствуваат пријатно и да имаат можност за развој на кариерата. Во моментов нема ниту еден Бугарин кој отворено го декларира својот идентитет, кој е на некаква позиција во која било институција, зашто тоа не оди на добро, тоа е опасно и треба да се промени. Ние ги поддржуваме од многу одамна, први ги признавме. Бугарија отсекогаш сакала и продолжува да сака интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан, но тие мора да си ја завршат домашната задача“, рече Ковачев.