Скопскиот Кривичен суд со пресуда – момчето кое на пешачки премин во Скопје, на булеварот Партизански одреди ја прегази радовишанката Викторија доби казна од 3 години затвор.
„Јордан Ѓоргиев е виновен за тешки дела против луѓето и безбедноста во сообраќајот кој со своето возило „цитроен“ удрил во Викторија Николова и во Леонид Даов, кои како пешаци го преминувале булеварот „Партизански одреди“ кај „Сити Мол. Од незгодата починала Николова, а тешки повреди здобил Даов. Со ова обвинетиот сторил кривично дело. На обвинетиот му се одредува казна од три години и во период од три години му се забранува да му се издаде и возачка дозвола“ се вели во пресудата на Основниот суд во Скопје.
Повреден во несреќата беше партнерот на Викторија, Леонид Даов.
Инаку, обвинетиот Ѓоргиев призна вина за сообраќајната несреќа, а пред судијката Љубинка Башевска рече дека „многу се кае за стореното дело“.
„Се чувствувам виновен и многу се каам за стореното дело. Признанието го давам свесно, без никакви уцени и свесен сум за последиците од истото. Изразувам сочувство до семејството на покојната. Од тој ден немам ниту миг раат, многу сум вознемирен, камо да можев да сменам нешто тој ден. Доколку би можел, радо би го заменил местото“ – низ солзи рече 22-годишниот Ѓоргиев.