Струмица остана без вода за пиење. Освен градот без исправна вода се и шест населени места кои се снабдуваат од мрежата на Комуналец. Поради отстапување од вредностите и стандардите за квалитет засега водата може да се користи само како техничка. Ваквата состојба ги принуди граѓаните да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Најголемите гужви се пред чешмите кои не се приклучени на водоводната мрежа. Граѓаните со шишиња и канистри се обидуваат да се снабдат со вода. Дел од нив велат дека проблемот го приметиле уште пред неколку недели и реагираат зошто надлежните за тоа информираа дури вчера попладне.
Проблемот со водата за пиење ја зголеми потрошувачката и во маркетите. Се обидовме да добиеме изјава во неколку продавници но никој од вработените не сакаше да зборува пред камери. Позади нив потврдија дека потрошувачката е зголемена за неколку пати поради што денеска морало да прават дополнителни набавки.
Од јавното претпријатие Комуналец како главен проблем го посочуваат ниското ниво на вода во акумулацијата Турија и зголемената количина на супстандардни материи поради кои филтер станицата не била во можност да ја преработи водата.
За сега не е познато кога ќе се реши проблемот. Од Комуналец информираат дека оваа состојба ќе трае се додека квалитетот на водата не се сведе во границите пропишани со правилникот за вода за пиење и додека резултатите направени од акредитираните лаборатории не бидат согласно пропишаните параметри. Освен во Струмица водата за пиење е забранета и во селата Дабиле, Добрејци, Просениково, Градско Балдовци, Баница и Водоча.