Бугарскиот претседател, Румен Радев ја дефинираше одлуката на Европската унија за почеток на пристапните преговори со Албанија, но не и со Република Северна Македонија, како „логични последици на она што се случува во Скопје и Тирана и на политиката на владата на Северна Македонија и патот кој го избраа“, пренесува „БНР.бг“.
Пред новинарите во Њујорк, каде што учествуваше на годишната сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Радев вчера изјаснувањето на Националното собрание го дефинираше како разумен став и апелираше до бугарските политичари на воздржаност и разум.
„Во никој случај не треба да се спуштаме на нивото на кое се развија настаните и коментарите за Албанија и Северна Македонија“, рече Радев.
Според него, власта во Скопје оди во спротивна насока на евроинтеграциите.
„Преговарачката рамка од 2022 година многу јасно кажува дека кога РСМ ќе ги запише Бугарите во Уставот, дури тогаш ќе почнат преговорите за пристапување“, изјави Радев.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека уште кога бил во посета на Брисел било најавено дека најверојатно Албанија ќе ги почне преговорите и ќе се одвои од земјава. Тој и посака многу успех на соседна Албанија брзо да го заврши преговарачкиот процес и како, што рече, можеби еден ден „нашите патишта повторно ќе се сретнат по таа траекторија кон полноправно членство во ЕУ“.
„Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егизбиционистички прифаќаше се, мафташе со европско знаме додека го ограбруваше сопствениот народ. Гледаме дека состојбата е таква каква што и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски остапки без гаранции да прифаќаме услови“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Нагласи дека сегашната поставеност на работите во однос на нашето членство е диктат и оти тој својот став го пренел и на средбите во Брисел.