Србија и Албанија заеднички ќе го организираат фудбалското ЕП 2027 година за У-21
Помина рокот за поднесување кандидатура за турнирот на У-21 (млади репрезентации) 2027 година, а досега пристигна само една, од Србија и Албанија.
УЕФА објави, како што јави агенцијата АП, дека само Србите и Албанците го испочитувале рокот со заедничка кандидатура, а Белгија и Турција се повлекле. Тоа значи дека предлогот од Белград и Тирана речиси сигурно ќе биде прифатен.
Конечната одлука ќе биде донесена на состанокот на Извршниот комитет на УЕФА на 16 декември.
Предлогот на Србија и Албанија, како што е објаснето, има за цел да се надминат политичките тензии меѓу двете земји со цел заеднички да се организира турнир со 16 селекции.
На осум стадиони ќе се одиграат вкупно 31 натпревар, а Србија веќе има што да понуди со три нови во Зајечар, Лесковац и Лозница, покрај стадионите „Рајко Митиќ“ и Партизан во Белград.
Исто така, Албанците можат да ги понудат Елбасан Арена и Ер Албанија како модерни капацитети.
– Тоа е стопроцентен фудбалски проект, со многу добра политичка порака што можеме да ја пренесеме – изјави Арманд Дука, првиот човек на албанскиот фудбал и потпретседател на УЕФА.
Во прилог на ова, следната година конгресите на УЕФА ќе се одржат во Белград (3 април) и Тирана (во септември).