Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќање пред членовите на Генералното собрание на ОН на 26 септември рече дека од европските и стратешки партнери на државата очекуваат разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија.
„Отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи“, рече Сиљановска Давкова во својот говор.
Таа додаде дека проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и, како што рече, да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.
„Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој, рече шефицата на државата“, рече Сиљановска Давкова.
Инаку, на 26 септември Брисел објави дека Албанија ќе го отвори првиот кластер во пристапните преговори со ЕУ, со што неформално се одвојува од Северна Македонија кои заедно тргнаа по европскиот пат на почетокот на преговорите пред две години.
Причината за одвојувањето на Албанија е што Северна Македонија досега не го исполни условот што го наметна Бугарија – да го смени Уставот и во него да го вметне и бугарското малцинство.
Овој услов влезе во преговарачката рамка која македонското Собрание ја изгласа во јули 2022 година, под називот познат во јавноста како „француски предлог“. Тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше против уставни измени.
Сиљановска Давкова рече деkа целосната интеграција на Балканот во ЕУ, според неа, ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.
„Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот коишто станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европскиот пат“, рече Сиљановска Давкова.