Откажани летови од неколку компании од аеродромот Бен Гурион во Тел Авив – слична ситуација во Техеран и Бејрут

Комерцијални авиокомпании Wizz Air, British Airways и Азербејџан Ерлајнс денеска ги откажаа летовите до и од аеродромот Бен Гурион во Тел Авив поради зголемените конфликти меѓу Израел и либанскиот Хезболах, јавуваат израелските медиуми.

Веб-страницата на аеродромот Бен Гурион објави дека овие три авиокомпании денеска не летаат кон или од Израел, пишува Тајмс оф Израел.

Многу авиокомпании неодамна ги обновија летовите откако го прекинаа воздушниот сообраќај во различни периоди во текот на годината по нападот на Хамас на 7 октомври и последователната војна во Појасот Газа.

Најмалку 492 лица загинаа, а повеќе од 1.645 се ранети во вчерашните раширени израелски воздушни напади насочени кон цели на Хезболах во јужен Либан, соопштија либанските власти.

Хезболах вчера лансираше повеќе од 200 ракети врз Израел, што предизвика сирени низ целиот северен Израел, во близина на Хаифа, до некои населби на Западниот Брег, во близина на Тел Авив.

Многу авиокомпании исто така ги откажаа летовите до и од Бејрут, а германската авиокомпанија Луфтханза вчера објави дека ги прекинува летовите кон Тел Авив и Техеран до 14 октомври. „Луфтханза“ претходно ги суспендираше летовите за Бејрут до 26 октомври.