„Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на македонската Влада не влеваат оптимизам“ – велат од Кабинетот на Румен Радев

По повод, како што велат, уште една навредлива квалификација кон Бугарија од страна на претставник на македонската Влада, од прес-службата на бугарскиот претседател Румен Радев, соопштиле дека „отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, каква што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и Република Северна Македонија на 13 септември очигледно многу вознемири одредени кругови во владата на Северна Македонија“.

Од бугарското претседателство додаваат дека „манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на владата на РСМ не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали“.

Како што пренесува „БНР“, од Кабинетот на бугарскиот претседател се наведува и дека „цивилизираноста на новата влада на РСМ допрва ќе се оценува според тоа дали ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе се спротивстави на нив со нејзината способност да почитува меѓународните договори и од нејзината вистинска посветеност на имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ“.

– Припадноста кон Обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати, велат од Кабинетот на Радев.