Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека нападот врз неговата земја ќе значи почеток на третата светска војна, пренесува Танјуг, повикувајќи се на белоруските медиуми.
„Сакам да ги предупредам нашите противници, нашите ривали. И оние кои уште не разбираат. Нема потреба да се прави ова. Напад на Белорусија е трета светска војна“, предупреди долгогодишниот лидер на источноевропската земја, пренесува БелТА.
Лукашенко подвлече дека Белорусија има што да одговори на надворешната агресија и дека нејзините интереси и вредности ќе се бранат.
Нема да дозволиме никој да посегнува по светата земја на нашите предци, независноста и суверенитетот на нашата татковина“, посочи тој.
Белорускиот претседател претходно најави итен одговор на нарушувањето на државната граница во случај на напад на НАТО.
Тој објасни дека, доколку започнат какви било акции против Белорусија, „нема да има друг избор“, потсетува белоруската агенција БелТА.