Денеска во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина
За денеска е закажана нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на техничко ниво, а како што најави портпаролот на Европската комисија Петер Стано, напредокот во имплементацијата на Охридскиот договор и дискусиите за прашањата кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија се на дневен ред.
Според медиумите, пристигнувањето во Брисел го потврдиле и преговарачите од Белград и Приштина, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ и вицепремиерот на Косово Бесник Бисљими, но се уште не се знае дали ќе има заеднички состанок.
Како што претходно објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на извори од Брисел, двете страни се обиделе да го диктираат дневниот ред на трилатералната средба и не се согласиле на она што го барала другата страна, а го игнорирале оригиналниот европски предлог за дневниот ред на разговорот.