Бугарскиот претседател Румен Радев со прв коментар по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која предизвика реакции поради изоставувањето на македонското знаме на нивната заедничка фотографија во петокот во Софија, нагласува дека нејзината посета не била ниту официјална, ниту работна.
Како што пренесува бугарската информативна агенција „Фокус“, Радев порачал дека со претседателот на Република Северна Македонија имале многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера.
– Очекувам оваа искажана желба за отвореност да ја преземе Владата на РСМ, но нека биде јасно дека ова не беше ниту државна, ниту работна посета – рекол Радев.
Се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која со сите официјални средби согласно протоколот ќе придонесе и за натамошен развој на нашите односи.
Ако го следиме протоколот, на ред е јас да одам таму, изјавил претседателот Радев.
Средбата, дополнил Радев, беше многу конструктивна и во пријателски дух.
– Ова е навистина добар почеток за целосно да и помогнеме на Република Северна Македонија, навел Радев.