Циклонот „Борис“ кој донесе обилни дождови и силни ветришта, предизвика поплави во Централна Европа, особено во Чешка, Полска и Австрија. Поплавени се градови, патишта и друга инфраструктура, населението од најзагрозените подрачја се евакуира, а има и заглавени луѓе до кои спасувачите не можат да стигнат.
Премиерите на Чешка и на Полска, Петр Фијала и Доналд Туск, апелираа до граѓаните од погодените области од поплавите да не одбиваат евакуација, а до туристите и авантуристите да не ризикуваат да спуштаат по пороите, бидејќи пожарникарите кои ќе треба да ги спасуваат, им се попотребни на оние кои се навистина во опасност.
– Осумдесет проценти од прогнозираниот дожд веќе наврна, но најлошото се уште не е зад нас. Ситуацијата е навистина опасна, не смее да се потцени. Има луѓе кои одбиваат да се евакуираат. Ги молам сите да не ризикуваат, да не се плови по реките и да не се прават други луди работи, изјави чешкиот премиер Фијала за Си Ен Ен.
Тои предупреди дека ситуацијата е драматична и ќе продолжи до утре, и изрази надеж дека невремето и поплавите нема да предизвикаат пречки за одржување на регионалните избори и изборите за Сенатот на 20 и 21 септември.
Чешките медиуми известуваат дека округот Јесењик, каде многу луѓе одбија да се евакуираат, сега е отсечен од светот и нема начин да се дојде до луѓето, освен со хеликоптер.
Планинските потоци и реки во Чешка и во Полска се претворени во порои, водата се прелева преку браните на хидроцентралите и акумулациите.
И во двете земји има слични сцени од поплавени куќи, урбани населби, брани над кои се прелева вода, порои кои уништуваат куќи и мостови, како во градот Глухолаз во Ополското војводство во Полска, каде што реката однела два моста кои пожарникарите претходно се обиделе да ги зајакнат.
Градоначалникот на Глухолаз денеска упати драматична порака – „Тонеме“.
Под вода поради поројниот дожд се и делови од австрискиот главен град Виена.
Нивото на водата на реката Виена кај мостот Кенеди во западниот дел на градот се зголеми од 50 сантиметри на 2,26 метри за еден ден, соопштија службите за вонредни состојби.
Поплавени се пешачки и велосипедски патеки, а под вода се терасите на рестораните на брегот на реката.
Во предградието Пензинг, северозападно од Виена, реката на некои места се излеа од коритото. Локалното население е евакуирано, додека улиците и подземните паркинзи се под вода.
Во три области на Виена прекинато е снабдувањето со електрична енергија, а привремено не функционираат и две линии на а метрото.