Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера оствари работна посета на Кралството Шпанија.
Освен работната средба со својот шпански колега, тој се сретна и со членовите на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанија и со потпретседателот на Шпанската конфедерација на бизниси (CEOE), Inigo Fernandez de Mesa, а имаше и свое обраќање на Кралскиот Институт Elcano.
Во рамките на посетата на Шпанската конфедерација на бизниси (CEOE), фокусот на разговорите беше ставен на економските перспективи, начинот на продлабочување на економските односи, можноста за зголемување на трговската размена која има нагорен тренд, поголемо поврзување на македонските и шпанските компании во областа на енергетиката, транспортот и инфраструктурните проекти.
Двајцата соговорници се согласија дека е неопходна поблиска соработка помеѓу шпанската деловна асоцијација и надлежните институции во државата, а воедно најавија одржување на економски настани со цел да се зближат шпанските и македонските компании и продлабочување на соработката помеѓу стопанските комори од двете земји.
На средбата со членовите на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанија, беше нагласена улогата на парламентарната дипломатија и придобивките од истата, нагласувајќи ја потребата од интензивирање на парламентарната соработка во претстојниот период.
Говорејќи за евроинтегративниот процес, Муцунски пред членовите на комисијата истакна дека и покрај предизвиците со кои државата се соочува во интегративниот процес, владата макотрпно работи на спроведување на неопходните реформи и посветена е на имплементацијата на европските реформи на домашен план.