Нека се вклучи ОБСЕ, но сега ќе се вклучат и инспекциските и истражните органи да видиме каде и на што се трошеа парите, колкави се хонорарите на оние коишто направија ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја јавната реакција на двајцата членови на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, кои веќе не се дел од нејзиниот состав.
Претходно денеска, тие во отворено писмо повикаа на промена на методологијата во работата на Комисијата и вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ.
„Нека се вклучат експерти, ние сме за да се вклучат и да се најде решение. Е сега, дали овие политички флоскули од страна на поранешните членови на историската комисија треба да се коментираат повеќе и да им се посветува внимание, не мислам. Потрошени се стотици илјади народни пари, евра за ништо. За нешто коешто резултираше со капитулација прифаќајќи го тоа што го прифатија двоецот Ковачевски и Османи. Така што, јас мислам дека отсуството на доверба, на оваа влада која доби легитимитет од граѓаните да ги исправат погрешно водените процеси во минатото, кон овие членови на старата комисија е прашање на политичка одлука, тоа не е прашање на нешто друго, дали ОБСЕ ќе се вклучел или не знам кој ќе се вклучел“, изјави денеска премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Двајцата поранешни членови на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, утринава преку писмено соопштение реагираа на последните промени во составот на Комисијата.
Оценија оти дел од политичарите, интелектуалците, а особено историчарите, од лукративни и политички причини, но и од незнаење, го прифатиле пристапот од бугарската страна и неаргументирано наметнале впечаток дека Комисијата дискутира за идентитетот и прави ревизија на македонската историографија.
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за нивната работа ја оценија за неаргументирана, обвинувачка и навредлива, со која ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси според неговите лични погледи.