„СДСМ е против носењето на ова законско решение. Сметаме дека на овој начин се нарушуваат демократските принципи на функционирањето и на поделбата на власта во државата“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски во врска со измените на Законот за локална самоуправа.
„Носењето на вакво законско решение, е спротивно на уставните начела со кои граѓаните ги носат одлуките за локалната власт исто како и за локалната власт. Носење на вакво законско решение, без одлука на граѓаните, ќе може да се врши промена на градоначалници во одредени општини и на тој начин им се одзема правото на граѓаните и се манипулира со волјата на избирачите. Од овој аспект сосема исправно е да кажеме јасно и гласно пред јавноста дека ваков закон нема да добие поддршка од СДСМ и од коалицијата“, рече Спасовски.
Кога станува збор за избори, последниот збор мора да го имаат граѓаните, додаде Спасовски.
„Ќе се соочиме со состојба во којашто веднаш после одржување на локални избори, повторно ќе се создава пракса да може од било која причина на некој од градоначалниците да му престане функцијата и без при тоа да одлучуваат граѓаните, до крајот на мандатот да раководи некој што е одреден за заменик градоначалник“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.