Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинителен акт за терористичкиот напад во септември минатата година во Бањска во Звечан, .
Главниот обвинител на Специјалното обвинителство Блерим Исуфај рече дека обвинението е поднесено против 45 лица.
Обвинението доаѓа речиси една година по нападот.
Премиерот Албин Курти во континуитет го критикуваше Специјалното обвинителство дека не подигнало обвинение. Критики упати и министерката за правда Албулена Хаџиу.
Терористичката група предводена од поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радојичиќ, на 24 септември 2023 година ја нападна косовската полиција, при што го уби полицаецот Африм Буњаку.
Косовската полиција во јуни годинава соопшти дека се идентификувани 48 терористи, поднесени се кривични пријави против 45 лица, локални потерници за 41 осомничен и 39 меѓународни потерници.
Поднесена е кривична пријава поради сомнение дека се сторени следниве кривични дела: тешко убиство, напад врз уставниот поредок на Република Косово, тешки кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово, здружување за противуставна дејност, извршување терористички акт, подготвување терористички акти или кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово, перење пари и финансирање тероризам.