Членовите на семејството, пријателите и граѓаните утрово се собраа на протест пред полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица, барајќи ослободување на четворицата српски младинци, уапсени во вторникот.
Насобраните го изразуваат своето незадоволство со свирежи, извикувајќи „Пуште те ни ги децата!“ а тие ги истакнаа и транспарентите „Полиција Куртиланд“ и „Дали ЕУ е загрижена“.
Во северниот дел на Косовска Митровица во вторник околу полноќ, косовската полиција уапси четири млади момчиња од српска националност, на кои им е одреден притвор до 48 часа поради сомнение за наводен напад врз службено лице при вршење на должноста.
На видеото кое се појави на социјалните мрежи може да се види како вооружен со пушка припадник на косовската полиција брутално уапси еден од српските младинци.
Таткото на едно од уапсените млади момчиња, Срѓан Јовиќ, вчера изјави дека неговиот син при апсењето бил повреден од припадници на косовската полиција и дека сега се наоѓа во станица во јужниот дел на градот.
„Тие се приведени во полициската станица во јужниот дел, приведени се. Ја ангажиравме адвокатката Јелена Кривокапиќ и сега чекаме да биде однесен кај обвинител. Не бев во контакт со мојот син. Адвокатот разговараше и вели дека има рани по телото, има повреди. Ќе видиме колку е сериозно. Очекуваме изјава“, изјави Јовиќ.
Тој додаде дека и неговиот син му рекол на адвокатот дека не е виновен за тоа што го обвинуваат и дека пред бруталното апсење и физичкиот напад со нив имало само вербален конфликт.