„Проблемот со образовните асистенти за деца со попреченост во основните училишта ќе биде надминат до крајот на неделава“ вели министерката за образование, Весна Јаневска и посочи дека договорите со образовните асистенти веќе се потпишуваат, неколкумина од денес се веќе на работа, а до крајот на неделава очекува да бидат потпишани сите договори.
Освен асистенти во основните училишта, Јаневска, најрано во јануари очекува да бидат воведени образовни асистенти и во средните училишта.
„И денес ќе се потпишуваат договорите, значи во следните денови асистентите постепено навлегуваат во училиштата. Ова што се случуваше годинава е одраз на чекањето на ребалансот и на релативното работење на училиштата на различни начини. Ресурсниот центар `Златен Сремец`, кој ја покрива оваа територија, успешно го привршува процесот, па денес да во оваа училиште, а верувам и во сите останати има образовни асистенти“, рече министерката Јаневска при посетата на училиштето „Ѓоргија Пулевски“ во Аеродром.
Taa најави системско решавање на проблемот со асистентите, за да не се повтори учебната година да почне без нив.
Со измени во законите за основно, средно и средно стручно образование вели дека ќе обврзат целата постапка да биде готова во јуни, за да може, како што рече, на мир да почне учебната година. Со измените, ќе овозможат и еден асистент да може да го следи ученикот во целиот образовен процес, како потреба на која укажале самите асистенти.
Освен овие законски измени, Јаневска најави измени на вкупно шест образовни закони со кои меѓудругото ќе се овозможат образовни асистенти и во средните училишта, кои сега ги нема.
„Законот кој предвидува образовни асистенти и во средните училишта многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа. Има процедура. Треба да заврши јавната расправа, да помине на Влада, да се поднесе во Собрание но бидејќи многу скоро ќе биде ставен на јавната расправа, сите ќе можат да го видат и ќе можат и да реагираат на некакви членови ако имаат забелешки. Најрано што очекувам асистенти во средни училишта е јануари 2025 година“, најави Јаневска.