Милевски: Директните дуели со Ерменија ќе го одлучат патникот во следната фаза

Македонската фудбалска А репрезентација се подготвува за својот втор натпревар во Лигата на нации од Ц сегментот во вторник од 20.45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје против Ерменија.

Нашите најдобри фудбалери стартуваа само со реми на гостувањето кај Фарски Острови, додека Ерменците доаѓаат во победничка атмосфера по домашниот триумф над Летонија од 4:1.

Избраниците на Благоја Милевски се свесни дека утрешниот меч е важен да се остане во игра за првото место во групата, а тоа уште еднаш го потврди селекторот:

– Психички ништо не е сменето познавајќи ги моите фудбалери кои се подготвени за секој предизвик. Имаме резултатско разочарување, но без потценување на Летонија и Фарски, Острови мислам дека директните дуели против Ерменија ќе го одлучат патникот во следната фаза. Сѐ што се случуваше против Фарски, посебно во вториот дел кога доминиравме не можам да замерам, единствено на агресијата која беше послаба во текот на целиот меч.

Фудбалерите кои се на овој собир според мене се најдобрите кои ги имаме. Ако барам натпреварувачка форма треба да немаме 70% од тимот. Јас го гледам потенцијалот кој го познавам индивидуално кај секој фудбалер, формата во клубовите не е пресудна. Кој ќе настапува и кој ќе добие шанса ќе одлучам јас, формата во клубот и играта за репрезентацијата е нешто различно – изјави Милевски.

Во продолжение и изјавата на Столе Димитриевски, голманот на А репрезентацијата на Македонија:

– Како заменик капитен на Македонија, максимално сум фокусиран и мотивиран за да го одработам мечот со Ерменија. За нас најважно е да се победи утре, за да си ги зголемиме можностите за првото место во групата. Во овој момент најважен е утрешниот натпревар против селекцијата на Ерменија. Се надевам дека утре ќе се покажеме во добро светло, ќе одиграме добар натпревар и ќе забележиме победа. Победата е единственото нешто што го посакуваме на утрешниот меч. Анализиравме многу и подготвени сме – вели Димитриевски.