Тројца малолетници од Кисела Вода го предизвикале пожарот кај Расадник

Пожарот кај Расадник е подметнат и вмешани се три деца од блиското соседство. Засега ова е познато за силниот оган, кој пред два дена се распламти и кој дојде, речиси, до зградите, рече градоначалникот на општина Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски.

Потврда за ова се чека од институциите, како и детали за причините и што му претходело на пламенот. Од локалната самоуправа бараат полицијата целосно да го расветли случајот.

„Се работи за сериозна информација. Не е шпекулација. Станува збор за тројца малолетници коишто живеат во непосредна близина на местото. Знаете, понекогаш нечија детска игра може да предизвика сериозна штета и фала на Бога што таму немаме материјална штета, немаме човечки жртви, што е многу важно“, изјави Ѓорѓиевски.

Од министерството за внатрешни работи потврдуваат дека неколку лица се повикани на разговор.

„Повикани се неколку лица. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расветлување на случајот, по што ќе следува и соодветен поднесок“, информира МВР.

Веднаш по пожарот, на социјалните мрежи најгласни беа шпекулациите дека инвеститори кои купиле приватни парцели притискаат за побрзо да се донесе ДУП и да се започне со градба.

За градоначалникот на Кисела Вода, овие шпекулации потекнуваат од опозицијата. Тој тврди дека нема да дозволи просторот нехумано да се бетонизира, но нов Детален урбанистички план (ДУП) сè уште нема.

Пред, речиси, една година, Кисела Вода одлучи новиот План за Расадник да биде комбинација од најдобрите решенија добиени со меѓународен конкурс. Досега веќе требаше да се наѕираат контурите на новиот ДУП, се најавуваше и постапка за избор на планер. Но, општината во моментов има други приоритети, дециден е градоначалникот.

„Тендерот сѐ уште го немаме објавено поради тоа што тоа се прави според претходно изработен финансиски план на општината. Општината во моментов има посериозни приоритети како инвестиции во образованието. Таму фали зеленило, фалат паркови, фалат патеки за пешачење, фалат објекти од јавен карактер фали нова градинка, училиште фали, таму земјоделскиот институт има свои простории па зошто да нема таму и еден добар државен универзитет“ – додава Ѓорѓиевски.