Составот на Комисијата за историски прашања со Бугарија, нема да се менува целосно – откри шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска откри дека нема да има промена на целиот состав на Комисијата, за како што вели, да се задржи континуитетот од кадровска гледна точка.
Рече дека има забелешки на нивната работа, но поради специфичноста на работата нема јавно да ги обелодени.
Рече дека е разочаран од последните настапи на првиот човек на Комисијата, Драги Ѓоргиев, со кои надворешно политичките позиции на Македонија.
– Прилично сум изненаден кога гледам еден платен научник како политички се профилира на јавните настапи, а се уште му трае мандатот. Ние политички имаме легитимитет да носиме политички одлуки, а научниците да се занимаваат со научни работи. , вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи
По последните пораки од Владата, особено по изјавата на премиерот Мицкоски дека како Комисијата не ги штителе националните интереси, заменикот претседател во македонскиот тим, Петар Тодоров вели дека не верува дека некој од актуелните членови би останал во Комисијата.
– Со таа изјава тој ги дели на подобни и неподобни членовите на академската заедница. По изјавата на премиерот не верувам дека некој ќе сака да остане во Комисијата. Премиерот ги оцени членовите за политички неподобни. , изјави Петар Тодоров, заменик претседател во македонскиот тим
Во однос на најмалку двегодишниот ќорсокак во разговорите со бугарските колеги, Тодоров вели дека и претходно, а и сега, сметаат дека е неопходна нова методологија со која историчарите од двете страни нема да бидат заложници на политичките односи.
– Неопходно е заедничка методологија на работа, која мора да биде усвоена со вклучување на мешународни институции, како УНЕСКО и Советот на Европа, зашто тешко е да се работи во Комисијата која има различни пристапи.
Комисијата за историја активно работи шест години, досега одржа 31 средба, на која постигнаа симболични резултати – заедничко чествување на четири историски личности и пет препораки за учебниците.
За наследник на Драги Ѓоргиев, во јавноста се лицитира со името на историчарот Ванчо Ѓоргиев, кој пред три години си поднесе оставка од Комисијата поради како што наведе политичко влијание во работата.