Путин откри кој е негов „фаворит“ за американскиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ја поддржува демократската кандидатка Камала Харис за американските избори во ноември.

„Реков дека наш фаворит е актуелниот претседател, господинот Бајден, тој беше отстранет од трката, но тој им препорача на своите поддржувачи да ја поддржат г-ѓа Харис, па и ние ќе го направиме истото, ќе ја поддржиме“, рече Путин.

Рускиот претседател ова го кажа со својата карактеристична насмевка на Економскиот форум во Владивосток.

„На крајот на денот, изборот е на американскиот народ и ние ќе го почитуваме. Што се однесува до фаворитите, тоа не е наше да го одредиме. На крајот на краиштата, тоа е избор на американскиот народ“ додаде Путин, кој го коментираше и она што републиканскиот кандидат Доналд Трамп често го коментира на својата противкандидатка – нејзината смеа.

И додека на Трамп навистина не му се допаѓа заразното смеење на Камала Харис, рускиот претседател има поинакво мислење.

„Ако таа се смее толку заразно, сè е во ред со неа“, рече Путин.