Алкалоид до историски трофеј во Суперкупот – падна битолски Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Алкалоид го освоија Суперкупот на Македонија, откако во финалето во Гевгелија го совладаа македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер со 30-33 (14-19).

Мечот во салата „26 јули“ мина во знакот на скопскиот тим, кој од стартот се наметна и имаше константна предност.

Имаа момците на Кире Лазаров доволно концентрација и нерви во клучните моменти, па на крајот заслужено се радуваа.

Средбата во Гевгелија тргна со голови на организаторите на играта Митев и Кузмановски. Се играше егал, а прв со два гола предност поведе Алкалоид со голот на Костески (4-6). Тогаш пелистерци реагираа и врзаа три гола во низа преку Радивојевиќ и Кузмановски за 7-6. Продолжи играта гол за гол до 8-8, па скопскиот колектив успеа да врзе три во низа.

Алкалоид почна да гради предност, дојде до убедливи 10-15 пред финишот на првиот дел. Тогаш капитенот на „зелено-белите“ Кузмановски беше невнимателен, го удри со лакт Карасманакис и судиите Николов и Начевски по преглед на снимката му покажаа син картон и исклучување од мечот. Тоа беше голем удар за Еурофарм Пелистер, до полувремето освојувачот на Купот успеа да го одбрани водството и на одмор замина со 14-19. Одличен меѓу стативите на Алкалоид беше Кизиќ со девет одбрани, пет гола даде Костески, а четири Митев.

Кај битолчани пак Митревски фати пет топки и пет погодоци постигна исклучениот Филип Кузмановски.

Момците на Ангеловски мораа да бркаат негатива, отворија со два гола и дојдоа на негатива од три гола. Фати првакот приклучок, иако голманите на Алкалоид беа расположени, нападот почна да греши. Со голот на Радивојевиќ пелистерци пријдоа на 19-21 на влезот во последните 20 минути. Скопјани пак погрешија бидејќи пробаа цепелин, но тогаш Тајник направи пробивање во нападот за „минус еден“. Иако беше период кога се кршеше резултатот, мина вториот обид за цепелин, овојпат од Митев до Костески за 19-22. Се одржуваше Алкалоид во предност од неколку голови, а во последните десет се влезе со 22-25.

Се играше гол за гол, еден од најважните напади при пасивен напад го реализира Ѓорговски за неговиот тим да одржи чекор (27-29) на четири минути пред крајот, а Митревски фати зицер од крило. Во клучен момент и на спротивната страна Галевски фати шут од шест метри на Пешевски при напад за минус еден. За три разлика реализира Симоновски по асистенција на Митев, а Ангеловски свика тајм-аут со помалку од три минути до крајот. Брза реализација имаше Павле Атанасијевиќ од девет метри (28-30). Низ разредената одбрана на пелистерци претрча и погоди Серафимов за пак да биде плус три. Исклучен беше Карасманакис, шампионот успеа да погоди преку Абутовиќ на минута ипол пред крај. Следеше брканица на теренот, а пак погоди Симоновски за конечна победа на неговиот тим.

Никола Костески со осум гола беше најдобар на теренот, додека кај пелистерци најефикасен остана Кузмановски со пет погодоци од првиот дел.

Кај голманите блесна Марко Кизиќ со 12 интервенции, а три во клучни моменти надоврза и Галевски, додека кај Еурофарм Пелистер се истакна Митревски со 11.