Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска поднесе оставка.
Со тоа тој стана четврти владин министер кој поднесе оставка во последните два дена, известија украинските медиуми.
За оставката на Кулеба денеска информираше украинскиот парламентарец Руслан Штефанчук, кој рече дека оставката на Кулеба ќе биде „разгледана на една од следните пленарни седници“, но не прецизираше датум.
Шефот на парламентарната фракција „Слуги на народот“, Давид Аракамија, најави дека оваа недела ќе има „големо ресетирање на владата“, што ќе влијае на повеќе од 50 проценти од членовите на кабинетот. Зеленски вчера го смени заменик-шефот на Кабинетот Ростислав Шурма. Пратеникот Јарослав Железњак рече дека одлуката е донесена поради „очигледна корупција“.
Вицепремиерката на Украина и министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии Ирина Верешчук најави оставка. Вицепремиерката за европски и евроатлански интеграции Олга Стефанишина поднесе оставка, а според медиумите би можела да ја преземе функцијата министер за правда.
Оставки поднесоа и министерот за стратешка индустрија на Украина, Олександар Камишин, министерот за правда Денис Маљусик, министерот за заштита на животната средина и природни ресурси Руслан Стрилтс и шефот на Фондот за државна сопственост Виталиј Коваљ.