Пожар од застрашувачки размери, со линија долга 20 километри, беснее на Мариово, поради што во Прилеп вечерва заседаваше кризен штаб со присуство на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Денеска главната борба со огнот била да се заштитат неколку села од пламените јазици кои брзо се движеле кон куќите, а борбата утре рано изутрина ќе продолжи и од земја и со ангажман на воздухоплови за гаснење на огнот.
Како што соопшти Ангелов, на пожарникарите од Прилеп на помош им пристигнале и пожарникари од Битола и од други соседни општини и со заеднички сили на професионалните пожарникари се успеало да се одбранат селата.
Борбата да се одбранат селата Бонче, Крушевица, Дуње, Пештани и Кален продолжува, а надежите да се локализира овој пожар кој беснее од неделата, се во воздухопловните сили.
Вчера и денес поради големиот чад гаснењето со воздушна поддршка беше отежнато. Исто така ангажирани се и сите материјално-технички средства на јавните претпријатија од Општина Прилеп.
Пожарникарите од Прилеп, Битола, Новаци, Могила, Kaвадарци и Ресен утре ќе имаат и поддршка од 70 припадници на Армијата, од 20 припадници на специјалните единици на МВР, како и од триесет вработени во Национални шуми. Вкупно, 195 лица професионалци ќе бидат ангажирани на терен, рече Ангелов.
Тој најави дека ќе дојдат и пожарникари доброволци од источна Македонија, а доколку постои опасност, ќе бидат ангажирани дополнителни сили.
Ангелов рече дека нема потреба да се создаде паника, дека ниеден манастир во Мариово нема да биде загрозен и дека е оптимист оти ќе се добие битката за локализација на пожарот во текот на утрешниот ден.
Ирена Стерјоска Локвенец, началник на прилепскиот кризен штаб исто така рече дека нема потреба од паника, а на прилепчани им порача утре рано наутро да не се уплашат кога ќе ги слушнат хеликоптерите. Воздухопловите, како што нагласи, ќе полетуваат од платото на Могилата на непобедените.
„Пожарот од градот вечерва се гледа, стравуваме дека се доближува кон селото Волково. Ориентирани сме да обезбедиме стручни екипи и голема благодарност што во пресрет ни излегуваат градоначалниците и екипите од многу градови“, рече Стерјоска Локвенец.