Претставникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак смета дека постои ризик од дестабилизација на Западен Балкан, доколку страните не се вклучат во дијалогот и продолжат да преземаат некоординирани и итни активности.
Во интервјуто за сервисот на албански јазик на Радио Слободна Европа, на маргините на форумот Глобсек, што се одржува во Прага, Лајчак призна дека не е направено доволно за спроведување на Охридскиот договор, постигнат минатата година меѓу Приштина и Белград, но оцени дека подобар договор не може да се постигне и дека страните треба да разберат дека напредокот во дијалогот е длабоко поврзан со нивниот пат кон ЕУ.
„Ако ме прашувате мене, проблемот е што двете општества [во Косово и Србија] не се подготвени за нормализација“, нагласи посредникот на ЕУ.
Запрашан како треба да заврши дијалогот, и дали тој треба да го вклучи меѓусебното признавање на Косово и Србија, словачкиот дипломат рече дека за тој аспект треба да одлучат самите страни. Тој се осврна и на нападот во Бањска во септември минатата година и на обвинувањата упатени до него од страна на косовските власти за наводен нефер однос кон земјата.
Лајчак додаде дека не може да има нов договор со новиот претставник на ЕУ, па затоа и нов процес.
„И повторно, не мислам дека ќе има нов договор. Затоа што ако имаше подобар договор, некој ќе го предложеше. Тоа се најсветлите умови кои работеа на оваа зделка. Овој договор е целосно поддржан од Соединетите Американски Држави, од 27-те земји членки на Европската унија и особено од Германија, Франција и Италија. Значи, повторно е илузија да се верува дека со новиот висок претставник [на ЕУ], одеднаш ќе има нов процес. Главните параметри нема да се променат. И поради оваа причина, pacta sunt servanda – она што е договорено мора да се направи – е основниот принцип. И колку побрзо го разбереме ова, толку подобро“, рече Лајчак.
Според него, процесот на дијалог треба да биде директно поврзан со европската интеграција. Тоа е затоа што, според Лајчак, во минатото кога страните знаеле дека напредокот кон нормализацијата ќе донесе и значителен напредок на патот кон ЕУ, „тоа беше многу силна мотивација“.