Успехот на десничарската Алтернатива за Германија (AfD) на изборите во Тирингија и Саксонија е тежок удар за партиите на сојузната влада на Олаф Шолц, кои делумно не го поминаа изборниот праг во овие две сојузни покраини во источна Германија.
„Ова е голем пораз за нас, нема сомнеж, а сега треба да собереме сили и да го поправиме она што не е во ред“, рече Ларс Клингбејл, потпретседател на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), за јавниот сервис ZDF, коментирајќи за исходот од изборите во Саксонија и Тирингија.
Во исто време, тој ја отфрли можноста германскиот канцелар Олаф Шолц да ја распушти владата една година пред редовните избори за федералниот парламент.
„Сакаме да влеземе на изборите во 2025 година со Олаф Шолц како кандидат за канцелар“, рече Клингбејл.
Според изборните прогнози од 21:00 часот на јавните радиодифузери ARD и ZDF, во Саксонија Христијанско-демократската унија (CDU) предводена од поранешниот премиер на оваа сојузна покраина Макаел Кречмер, освоила 31,5 отсто од гласовите, само еден отсто повеќе од Алтернативата за Германија (AfD) со 30,4 отсто. Партијата Сојузот на на Сахра Вагенкнехт(BSW), основана во јануари оваа година, освои 11,5 отсто. Во Саксонија, Социјалдемократската партија (SPD) освои 7,4 отсто, а нејзиниот коалициски партнер во сојузната влада Зелените 5,4 отсто.
Партијата Левица не успеа да го надмине изборниот праг од пет отсто, но ќе влезе во парламентот на Саксонија во Дрезден благодарение на директните мандати.
Поради тоа што ниту една партија не сака да влезе во коалиција со AfD, набљудувачите оценуваат дека формирањето покраинска влада во Саксонија ќе биде сложено.
„Ќе му подадеме рака на секого со кого можеме да постигнеме политика која е добра за оваа покраина овде во Саксонија“, рече премиерот на Саксонија, Микаел Кречмер од редовите на демохристијаните.
Претходната коалиција на CDU со SPD и Зелените најверојатно нема да има доволно мнозинство во парламентот во Дрезден, па се шпекулира за коалиција меѓу CDU, SPD и новооснованата партија BSW, со од крајниот политички спектар и којашто има дијаметрално спротивставени ставови со двете етаблирани партии по прашањата на функционирањето на Европската унија и војната во Украина.
Подготвеност за коалиција со CDU покажа и главниот кандидат на BSW во Саксонија, Сабине Цимерман. Се верува дека CDU и BSW би можеле да се договорат кога станува збор за едно од главните политички барања на BSW, а тоа е прекин на воената помош за Украина и зајакнување на дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина. Имено Кречмер, за разлика од CDU на сојузно ниво, ги поддржува дипломатските напори.
Никој не сака да влезе во коалицијата со AfD
Во Тирингија, AfD стана најсилната партија, освојувајќи 32,9 отсто, што е речиси десет отсто повеќе отколку на последните покраински избори пред пет години. CDU e на второ место со 23,7 отсто, BSW беше поддржана од 15,6 отсто, Левица со 12,9 отсто, а SPD тешко го мина изборниот праг со 6,1 отсто. Партијата на Зелените не успеа да го надмине изборниот праг, а Либерално-демократската партија (FDP) не влезе во парламентот, исто како во Саксонија.
„Денеска остваривме историска победа, дефинитивно сме најсилната партија. Кој сака стабилна влада во Тирингија не може да нѐ игнорира“, изјави за ARD претседателот на AfD за Тирингија, Бјорн Хоке.
Меѓутоа, во Тирингија другите партии однапред ја отфрлија можноста за коалиција со AfD, па и овде се очекува долго и напорно формирање влада. Засега и овде се споменува можноста за коалиција меѓу CDU, SPD и BSW.
По изборите во Тирингија и Саксонија, пред сѐ, се шпекулира за стабилноста на сојузната влада на Олаф Шолц. Партиите на неговата коалициска влада – SPDД, Зелените и FDP, постигнаа катастрофални резултати на изборите во овие сојузни покраини. Во Тирингија, Зелените и FDP не го преминаа изборниот праг, а SPD овде го постигна најслабиот резултат на кои и да се покраински избори во својата историја. FDP не го помина изборниот праг ниту во Саксонија, а истото може да се случи и со Зелените.
Набљудувачите проценуваат дека партиските стратези го чекаат исходот од третите покраински избори во септември, за три седмици од сега во Бранденбург, каде во моментов на власт е SPD, но се очекува и брз подем на крајно десничарските и левичарските партии.
На изборите во двете сојузни држави миграцијата беше главна тема, која добро ја искористија и AfD и BSW, кои се противат на секаков вид миграција. И двете страни се против воената помош за Украина и се за преговори со Москва.
Иако федералната влада веќе усвои некои мерки по терористичкиот напад во Солинген кои треба да доведат до намалување на нерегуларната миграција, се очекува како реакција на изборите во Саксонија и Тирингија наскоро да донесе дополнителни мерки за да ја покаже својата решеност да се намали бројот на бегалци.
Но, набљудувачите проценуваат дека доколку се повторат слични резултати на изборите во Бранденбург, би имало уште поголем притисок врз Олаф Шолц, па дури и колапс на владата и предвремени избори за Бундестагот.